Македонија

Во градинките ќе се формираат корнери за здрава храна

Во градинките ќе се формираат корнери за здрава храна
ЕУ расфрла по 22 милиони тони храна годишно

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов денеска присуствуваше на одбележувањето на меѓународниот ден „Револуција во исхраната“ во детската градинка „Срничка“ во Аеродром  организиран од фондацијата на познатиот светски готвач Џејми Оливер.

– Како Министерство за труд и социјална политика со  задоволство се вклучивме во организацијата за одбележубање на овој ден кој што се одбележува во повеќе од 70 земји во 660 градови ширум светот. Целта на манифестацијата е да се истакне важноста на здрава исхрана за правилен раст и развој на дечињата уште од најмала возраст, истакна Спасов.

Во рамките на фондацијата, рече Спасов, има посебна програма која поттикнува основање посебни „здрави корнери“ или градини во самите градинки и улилишта.

– Целта на оваа програма е децата да се вклучат во самиот процес на производство односно во процесот на одгледување на зеленчук и овошје со цел уште од најрана возраст да го сфатат значењето на здравата храна, нагласи Спасов.

Министерот најави активно вклучување на МТСП во соработка со градинките во Македонија и фондацијата на Џејми Оливер, преку формирање на, како што кажа, корнери за здрава храна.

– Планираме во септември и октомври во соработка со сите градинки, дечињата да земат активно учество и да се запознаат со  целиот процес на одгледување на зеленчук и овошје, најави Спасов.

Децата од градинката заедно со амбасадорката и министерот имаа можност да подготват еден од рецептите на Џејми Оливер наречен „Виножито“ кој се сотои од овошје и зеленчук, а преку подготовката се запознаваа и со хранливите состојки на продукти кои беа употребени во здравата салата.