Во Грција евакуција на уште два импровизирани кампа

Грчката полиција денеска почна евакуација на два импровизирани бегалски кампа во регионот на Идомени, до хотелот кој се наоѓа во близина на граничниот премин Евзони и до бензинската станица на неколку километри од границата со Македонија, пишува весникот „Нафтемборики“.

Поради операцијата затворен е патот меѓу Атина и преминот Евзони.

Грчките медиуми јавија дека завршила вчера почнатата евакуација на импровизираниот камп во Поликастро. Властите оттаму евакуирале 1.158 бегалци од Сирија и Ирак. Тие се сместени во прифатниот центар Василика, во централна Грција.

Жителите на населеното место Василика синоќа протестираа пред бегалскиот камп, противејќи се на отворањето на ваков објект во регионот.

Во текот на викендот 226 нови бегалци и мигранти пристигнале на грчките острови во северниот дел на Егејското Море. На островот Лезбос пристигнале 108 лица, на Хиос 52, а на Самос 65.

Во Грција во моментов се наоѓаат над 57 илјади мигранти.