Во гробницата во Амфиполис пронајдени пет човечки скелети

Во античката гробница на локалитетот во северна Грција Амфипоис, откриен пред неколку месеци, има пет скелети, а не еден како што првично се мислеше, пишува „Грик Рипортер“.

Грчкото Министерство за култура вчера излезе со официјални информации. Според резултатите од лабораториските истражувања, во гробницата биле пронајдени четири човечки скелети и еден кремиран скелет.

Се соопштува дека скелетите и припаѓале на жена која била на возраст од околу 60 години, на двајца мажи на возраст од 30 до 45 години и на новороденче. Исто така, во гробницата биле пронајдени остатоци на возрасен човек кој бил кремиран пред смртта на другите четворица.

ДНК тестовите ќе утврдат дали закопаните луѓе биле во роднинска врска и дали станува збор за семејна гробница. Потешко е да се идентификуваат кремираните остатоци. Како и да е, за сега археолозите се сигурни дека кремираниот човек бил првиот кој бил погребан во гробницата,  затоа што Античките Грци престанале да ги спалуваат мртвите околу 3-иот и 2-иот век п.н.е.

Кралската гробница, според пронајдениот материјал од страна на археолозите, е изградена во чест на 60-годишна жена, за која се верува дека е Олимпија, мајката на Александар Велики или пак за нејзината посвоена ќерка Тесалоника, која починала на истата возраст. Двајцата мажи се верува дека се внуците на Олимпија, децата на Тесалоника, кои тука се закопани подоцна, при што едниот најверојатно бил запален, а другиот убиен па закопан.

Како и да е, без конечните резултати од анализата на пронајдените коски, археолозите не можат да кажат точно во чест на кој припадник од кралското семејство е подигната гробницата, една од најраскошните во времето на Александар Велики.

Засега се знае дека толку богата и раскошна гробница немало, па затоа археолозите од целиот свет типуваат дека ја изградила Олимпија, мајката на Александар, која е убиена со наредба на Касандер, по смртта на големиот војсководец и стратег Александар Македонски.

фото: greekreporter.com

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.