Во Хановер евакуација на 50.000 лица поради отстранување на бомба од ВСВ

Германските власти викендов ја изведуваат една од најголемите операции на отстранување бомба од Втората светска војна (ВСВ), поради што 50.000 жители на градот Хановер во северозападот од земјата ќе бидат евакуирани од своите домови.

Трианесет неексплодирани смртоносни средства од 1940-те години, во неделата ќе бидат отстранети од Хановер во кој живеат малку повеќе од половина милион луѓе, а во рамките на операцијата ќе биде евакуирана и болница, седум домови за грижа на возрасни или немоќни лица, како и фабрика на гума, соопштија градските власти.

Евакуацијата на населението започна во петокот вечерта, а повеќето жители ќе ги напуштат своите домови во недела околу 9 часот наутро. Отстранувањето на бомбите ќе почне рано попладне и може да трае до доцна ноќта.

Хановер бил цела на чести бомбардирања на сојузничките воздухопловни сили во последните години од војната. Само на 9 октомври 1943 година врз овој град биле фрлени 261.000 бомби.

Германските власти се под притисок дека мора да ги отстранат неексплодираните бомби од населените области, бидејќи стручњаците предупредуваат и тврдат дека бомбите со текот на времето стануваат сé поопасни поради заморот на материјалот.

Пронаоѓањето на неексплодираните авионски бомби од Втората светска војна е речиси вообичаено во Германија, врз којашто сојузничките западни и тогашните советски сили фрлиле милиони тони бомби кон крајот на војната. Секоја година во Германија се неутрализираат по околу 5.500 неексплодирани бомби и други експлозивни средства.

Неексплодираните бомби заостанати од сојузничките бомбардирања на тогашна нацистичка Германија кон крајот на Втората светска војна, често се наоѓаат во германските градови при градежни работи или одржување на инфраструктурата. Поради тоа, многу локални власти имаат специјални екипи задолжени за нивно откривање и безбедно детонирање.

Вкупно врз Германија за време на Втората светска војна биле фрлени повеќе од два милиона бомби, од кои меѓу 5 и 20 отсто, односно најмалку 100.000 не експлодирале. На неколку месеци, некогаш и почесто, при изведување градежни работи се откриваат вакви експлозивни направа. Вообичаено, властите објавуваат дека ниедна од нив не претставува реална закана за безбедноста на луѓето, и по неколку часа се неутрализирани.

Несреќен случај е забележан само во јуни 2010 година, кога експлодираше бомба од 500 килограми кај Гетинген, кога загинаа три а беа повредени две лица.

Најмногу бомби во Втората светска војна се фрлени врз германската престолнина Берлин – повеќе од 68.000 тони, Хамбург – 45.000 тони , како на територијата на Рурската обакст – 162.000 тони.