Во Хонгконг повторно протести

Илјадници лица излегоа одново на протест во Хонгконг со барање за повеќе демократија во кинескиот специјален административен реон, пишува МИА.

Минатата ноќ измина спокојно, поради тоа што многу демонстранти ноќта ја поминаа во шаторите. Немало видливо присуство на полицијата. Демонстрантите бараат оставка на главниот администратор Си Леунг.

Студентски лидери бараат тој да се повлече уште денеска, во спротивен случај се закануваат дека ќе окупираат важни админстративни згради.

Стотици студенти ги блокираат влезовите на канцеларијата на раководителот на извршната власт во Хонгконг, на пет минути пеш од епицентарот на протестите, каде што илјадници демонстранти остануваат на улиците. Стотици полицајци ја чуваат зградата.

Активистите бараат продемократски реформи пред следните избори за главен администратор во 2017 година, вклучувајќи слободно номинирање на кандидатите.

Протестите избувнаа пред една недела со блокада на Кинескиот универзитет во Хонгконг и со бојкотирање на наставата, откако Кина го промовираше својот план за надгледување на избороте на оваа територија, иако претходно ветуваше дека ќе се согласи со слободно номинирање на кандидатите за највиските функционери на локалната власт.

Хонгконг до 1997 година беше британска колонија. Со договор меѓу Велика Британија и Кина, со важност од 50 години, се до 2047 година, властите во Пекинг се обврзаа на почитување на човекови слободи во Хонгконг какви нема на кинеската територија и на одржување слободни избори од 2017 година, врз основа на кинеската формула за една држава, со два политички система.