Хрватската полиција соопшти дека околу 13.300 бегалци влегле во земјата од Србија, откако почнаа да пристигнуваат првите групи бегалци пред два дена.
Немоќна да ги запре мигрантите, хрватската полиција ги собира на станицата во Товарник на хрватска страна на границата, каде неколку илјади луѓе ја минаа ноќта под отворено небо.
Словенија ги запре сите возови, кои пристигнуваат од Хрватска. Околу 150 мигранти беа блокирани со часови на станицата Добова на словенечката страна на границата. Првично беше најавено дека возот ќе биде вратен назад, но по неколку часа тој продолжи за Постојна.
Словенија, која е во Шенген зоната, соопшти дека спречила околу 100 бегалци во текот на ноќта илегално да влезат во земјата.
Хрватска ги спушта рампите, нема возови од Белград до Загреб
Хрватска ја спушта рампата. Денес нема возови од Белград до Загреб. Возовите нема да сообраќаат, затоа што граничните премини се затворени. Ова го соопштува Железничката станица во Белград. Засега е неизвесно кога возовите повторно ќе почнат да сообраќаат на таа релација.
Хрватското министерство за внатрешни работи синоќа соопшти дека на неопределено време ќе бидат затворени седум гранични премини со Србија, откако во земјата од средата наутро влегле повеќе од 11.000 бегалци.
За сообраќај се затворени повеќе државни патишта на границата со Србија и подрачјата на граничните премини Товарник, Илок, Илок 2, Принциповац, Принциповац 2, Батина и Ердут.
Бегалците од Блискиот исток во понеделникот се упатија кон Хрватска откако Унгарија ја затвори границата со Србија и откако стапи на сила новиот закон според кој беа воведени поостри казни за илегалното преминување на границите.
Иако железничкиот сообраќај е во застој, автобускиот превоз од Белград кон Загреб сообраќа редовно.