Во Индија новороденче прогласено мртво „оживеа“ непосредно пред кремација

Родители на новороденче во индиската престолнина Њу Делхо коешто во четвртокот било прогласено за мртво откриле дека е живо непосредно пред церемонијата на традиционалното кремирање, пренесуваат во саботата  медиумите.

Персоналот на медицинскиот центар „Max Hospital“ им кажале на родителите дека еден од близнаците е роден мртво, а оти другиот мора да биде приклучен на апарат за вештачки бели дробови. Лекарите побарале од семејството 1.500 американски долари за првите три дена од лекувањето во клиниката, а секој нареден ден би чинел уште 775 долари. Притоа, новороденчето во болницата требало да престојува три месеца.

Родители на детето не можеле да си дозволат такви трошоци, па затоа решиле да го пренесат во друга клиника. Потоа лекарите им соопштиле дека бебето е мртво. Тие им ги дале на родителите двете пластични кеси со телата на близнаците.

Шест часа по подигнувањето на телото и пред почетокот на церемонијата на кремирањето, родителите забележале дека една од кесите се превртува.

„Ја раскинавме кесата и откривме (…) дека детето диши“, изјавил дедото на новороденчето. Веднаш момченцето било однесено во најблиската болница. Во моментов состојбата на детето лекарите ја оценуваат како стабилна.

Министерот за здравство на Индија, Џагат Пракаш Надда, го опишал настанот како „срцепарателен“ и рекол дека ѝ порачал на владата на Делхи да го истражи инцидентот и да ги преземе неопходните мерки.

Според локалните правосудни органи, истрагата за овој случај веќе е започната., пренесува новинската агенција ANI.

Од клиниката „Max Hospital“ изјавиле дека телото на детето било предадено на семејството без никакви знаци на живот, а лекарот кој е одговорен за грешката потоа заминал на одмор. Болничкиот персонал го обвинуваат за лекарска негрижа.

„Потресени сме и загрижени од овој невообичаен инцидент“, соопштиле од болницата. Во соопштението, исто така, се зборува дека лекарите „постојано се во контакт со родителите и им ја укажуваат сета неопходна помош“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.