Свет

Во Индонезија откриен центар за регрутација на борци за ИД

Во Индонезија откриен центар за регрутација на борци за ИД

Индонезиската специјална полиција за борба против тероризмот открила центар за регрутација на луѓе кои за 1.000 до 1.500 долари прифаќале да станат борци на радикалната исламистичка група  Исламска држава во Ирак и Сирија.

Во информацијата, што денеска ја пренесува новинската агенција Антара, се наведува дека регрутниот центар бил во западниот дел на островот Јава.

Во интерес на целосната истрага не е соопштено кои се организатори на регрутацијата и колку кандидати за одење на боиштата во Ирак и Сирија биле на нивниот список.

Според полицијата, се работи претежно за млади луѓе до 25 години кои од Индонезија би заминале во Малезија, под изговор дека посетуваат роднини, а од таму би бил организиран транспорт до боиштата.

Индонезија, која од 250 милиони жители има 90 посто муслиманска популација, е меѓу државите кои се мета за регрутација на потенцијални борци на Исламската држава. Камп за нивна обука, во кој меѓу стотина регрутирани имало и 20 странски државјани, лани во декември беше откриен на островот Суматра.

Неофицијално се смета дека околу 300 Индонезијци се борат на страната на радикалните исламистички сили, а најголем мотив за нивно заминување на фронтот била заработката.

Досега во Индонезија не е донесен закон според кој би се казнувале луѓето кои се враќаат од боиштата. Полицијата на повратниците може без образложение да им го одземе пасошот, но засега нема прописи за други казни.