Свет

Во Ирак пронајдено хемиско оружје од времето на Садам Хусеин

Во Ирак пронајдено хемиско оружје од времето на Садам Хусеин

Американските и ирачките војници во Ирак во периодот од 2004 до 2011 година пронашле околу пет илјади парчиња хемиско оружје, меѓу кои боеви глави, муниција и авијациски бомби со отровни материи, пишува весникот „Њујорк тајмс“.

Дел од оружјето е произведено пред 1991 година со поддршка од западните земји, додава весникот во напис објавен на неговата интернет страница, повикувајќи се на интервјуа и на тајни документи, добиени согласно Законот за слобода на информациите.

Од 2004 до 2011 година американските војници и припадници на ирчаките воени сили, обучени од САД повеќе пати откривале хемиско оружје, останато од времето на Садам Хусеин и во најмалку шест случаи оружјето било проектирано во САД, произведено во Европа и полнето со хемиски супстанци во фабрики во Ирак, кои биле изградени од западни компании.

Весникот успеал да пронајде 17 американски војници и седум ирачки полицајци, чие здравје било нарушено како последица на операциите за пронаоѓање на хемиското оружје. Според „Њујорк тајмс“ реалната бројка на настраданите во тие операции била многу поголема.

Повеќето од нив не ја добиле потребната медицинска помош, бидејќи податоците биле чувани од Пентагон како тајни, а дури и Конгресот бил делумно информиран за тоа, додава весникот.

Според интервјуираните војници владата се обидувала поради многу причини да не дозволи истекување на информациите, а пред се поради тоа што не сакала со тоа да покаже дека направила грешка. Овие информации ја ставаат под сомнение причината за војната, почната од администрацијата на претседателот Џорџ Буш, кој тврдеше дека Садам Хусеин крие активна програма за изработување на хемиско оружје.

– Им требаше нешто, што ќе докаже дека Садам користел хемиско оружје по нападите од 11 септември 2001 година, а целото оружје всушност беше од времето пред 1991 година, изјави поранешен мајор од воено-воздухопловните сили, кој служел во Ирак.