Во Иран уапсена група поврзана со Исламската држава

Безбедносните сили на доминантно шиитскиот Иран уапсиле припадници на една група поврзана со ултрарадикалната сунитска организација Исламска држава кој планирале бомбашки и самоубиствени напади врз ирански верски центри, објави во саботата државната телевизија.

Припадниците на министерството за разузнавачки активности „успеале да уапсат група поврзана Исламската држава којашто имала намера да изврши терористички операции во верски центри, и заплениле експлозиви и опрема за самоубиствени напади“, се наведува во извештајот на иранската државна телевизија.

Овие апсења доаѓаат откако иранската елитна Гарда на чуварите на револуцијата истрела балистички проектил од западен Иран во источна Сирија, гаѓајќи цели на Исламската држава која ја презема одговорноста за двојниот напад во кој на 7 јуни во Техеран беа убиени 18 луѓе. Нападот беше извршен врз парламентот и музејот на имамот Хомеини.

Иранските медиуми известуваа неколку дена дека по тие напади продолжува потрагата за одговорните за нападот, додавајќи дека се уапсени или убиени повеќе десетици сунитски џихадисти кои шиитите ги сметаат за отпадници од муслиманската вера, припадници на Исламската држава и со неа поврзани лица.

Министерот за разузнавање Сејед Махмуд Алави извести дека „организаторот и налогодавачот“ на нападите е убиен. Полицијата веднаш во престрелка ги уби петте напаѓачи.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.