Во Истанбул денеска ќе се одржи мега-митинг

Истанбул се подготвува за уникатен, по суштината и формата, митинг, кој ќе се одржи денеска на плоштадот „Јеникап“, јавува БТА.

По првпат во поблиското минато во земјата на заеднички настан ќе учествуваат лидерите и симпатизерите на сите политички партии во турскиот парламент, кои беа силно разединети пред обидеот за преврат на 15 јули.

Митингот ќе биде финалниот од серијата секојдневни протсти за „заштита на демократијата“, кои почнаа по повикот на шефот на државата Реџеп Таип Ердоган.

Настанот е насловен како „Големата средба на демократијата“, а според организаторот, целта е да се соберат сите оние кои ја љубат демократијата и воедно да се оддаде почит на 250 лица кои „херојски загинаа“, во отпорот против пучот.

Митингот е свикан по иницијатива на владејачката Партија на правдата и развојот на претседателот Ердоган, кој лично ги покани лидерите на главната опозициска Народнорепубликанска партија Кемал Калачдароглу и на Партијата за националистичка акција Девлет Бахчели да учествуваат и да се обратат пред насобраниот народ. Двајцата опозициски лидери, како и раководството на прокурдската Демократска партија на народите се присоединија кон декларацијата на владејачката партија, во која беше осуден обидот за преврат и се заштитува легалната власт. Опозиционите лидери, исто така побараа од своите поддржувачи, на митингот да носат само национални знамиња и да дојдат без партиски симболи.

Ердоган најави дека огромни 81 лед -екрани ќе бидат поставени на централните плоштади во сите 81 округ на Турција, каде во живо ќе се пренесува митингот.

Според турските медиуми на „Јеникап“ ќе има сцена за говорниците со ширина од 60 метри и висина од 16 метри, а за настанот се ангажирани 300 техничари кои три дена работеа на поставување на звучници кои овозможуваат гласност до 1,5 километри. На плоштадот ќе има 22 големи лед-екрани, 165 детектори за метал, а преносот во живо ќе се врши со 16 камери, 32 интерком-системи, 8 ХД рекордери, 4 канали безжични интерком-ситеми и 8 кабелски, 5.000 метри кабел за камерите и.т.н.

Над 13.000 полицајци ќе го обезбедуваат митингот.

Според медиумите, се очекува на настанот да присуствуваат 3,5 милиони лица.