Балкан

Во јануари Србија ќе започне преговори за пристапување кон ЕУ

Во јануари Србија ќе започне преговори за пристапување кон ЕУ

Србија вчера го освои долгоочекуваниот договор на Европската унија да почне преговори за пристапување кон блокот во јануари 2014 година, како признание за напорите да ги нормализира односите со Косово, објави „Франс прес“.

„Министрите за надворешни работи го определија датумот 21 јануари, откако ги признаа напорите за реформи и нормализирање на оваа балканска земја“, рече комесарот за проширување Штефан Филе.

Србија се надева дека ќе стане 29-тата членка на ЕУ, следејќи го примерот на соседна Хрватска, најновата членка на Унијата, која му пристапи на семејството во јули.

„Ова е историски настан за Србија, ден кој многу генерации граѓани и влади го очекуваа. Горд сум што оваа Влада го постигна тоа“, изјавил премиерот Ивица Дачиќ.

Европските лидери инсистираа Белград да ги подобри односите со Косово, кое еднострано прогласи независност во 2008 година. Србија се’ уште не го признава Косово, но во рамките на договорот постигнат со посредство на ЕУ, се согласи со мерките за намалување на тензиит .

„Двете страни ги имаат имплементирано значително сите елементи во договорот од април“, рече оваа недела високиот претставник на ЕУ за надворешна политика Кетрин Ештон, во писмо упатено до земјите на ЕУ.

„Започнување на преговори за пристапување кон ЕУ со Србија и продолжувањето на работата за потпишување на договор на ЕУ со Косово, ќе им го даде на двете страни потребниот поттик да продолжат на патот кон целосна нормализација на односите“, додала Ештон.