Во Јемен стапи на сила петдневно хуманитарно примирје

Петдневен прекин на огнот синоќа стапи во сила во Јемен, со цел да биде доставена хуманитарна помош за населението, истакна портпарол на меѓународната коалиција, предводена од Саудиска Арабија, која се бори против бунтовниците Хуси, пренесе МИА.

– Огнот е прекинат синоќа во 23 часот по локално време, изјави портпаролот, генерал Ахмед Асири.

Прекинот на огнот стапува во сила по седум недели воздушни напади и крвави судири.

Генералот Асири ги предупреди Хусите дека коалицијата ќе ги обнови воздушните напади доколку тие не го почитуваат прекинот на огнот.

Веднаш по 23 часот оружјето замолкна во Аден и други големи градови, но бунтовниците се прераспоредија во реонот на Сана и Далех.

Во Јемен, каде живее 25-милионско население, има недостиг на храна, вода, лекови и електрична енергија поради нападите на коалицијата од воздух, вода и копно. Според податоците на ОН, во конфликтот од 19 март досега загинале над 1.400 лица, од кои повеќето цивили.