Во Југохром продолжува изградбата на системот за отпрашување

Дел од раководството на комбинатот „Југохром Алзар“ од тетовско Јегуновце заедно со претставници на синдикатот на вработените во фабриката во средата присутвуваа на продолжението на работите за изградба на филтер станицата, и притоа најавија враќање на привремено отпуштените работници веднаш по добивањето на дозволата за рестартирање.

Според генералниот директор на „Југохром“, Васко Скендеровски, на овој начин се покажува залагањето на менаџерскиот тим околу изградбата на филтер станицата за отпрашување. Таа според најавите ќе има основа со габарит од 600 метри квадратни, со височина како десетокатница и со предвидениот систем за отпрашување 99 отсто од зафатените гасови ќе бидат прочистени.

„По добивањето на дозволата за градба во јули минатата година, што беше многу задоцнето поради административните проблеми, ние неколку месеци интезивно работевме на овој проект. По паузата поради зимскиот период сега продолжуваме со активностите. Системот за отпрашување не е само поставување на некакви филтри на фабричките оџаци, туку е комплексен чин и проект за изградба на комплетно нови погони. Денеска се бетонираат темелите и очекуваме дека во мај ќе се постават и бетонираат и челичните столбови и во разумен рок од околу 8 месеци системот за отпрашување ќе може да овозможи прочистување на околу 50 отсто од капацитетот на ‘Југохром’“, рече Скендеровски.

Директорот на фабриката изрази надеж дека Министереството за животна средина, Државниот инспекторат за животна средина и Владата ќе им овозможат да вклучат дел од печките парарлено со изградбата на станицата.

„Овој период од годината и постојните атмосферски услови дозволуваат Југохром да работи и затоа се надеваме на позитивен одговор од надлежните“, додаде Скендеровски.

Истакна дека од 1 март поради големите трошоци околу 600 работници се привремено отпуштени, но најави нивно враќање на работа веднаш штом ќе добијат дозвола за рестартирање.

„Сега во мометот на работа се здржан од 100 до 120 работници за одржување на оној минимум за машините и опремата. Од затворањето на Југохром во ноември до март додека сите работници беа на платен список само за плати се одвоени околу еден милион евра без никаков оставрен промет. Поради овие високи трошоци моравме да го отпуштиме поголемиот дел од вработените. Тие веднаш по повторното вклучување на печките ќе бидат ангажирани“, рече Скендеровски.

Претседателот на синдикатот на „Југохром Алзар“, Бајрам Амити, нагласи дека по затворањето на фабриката имале две барања, едното кон институциите од државата да се дозволи работа на фабриката, а второто кон управата на фабриката да работи на поставување на системот за отпрашување.

„Денешниот чин покажува дека управата на ‘Југохром’ ги прифатила нашите инстирања да работат на системот за отпрашување. Очекуваме дека владата и соодветното министерство ќе го земат предвид овој чин и ќе дозволат рестартирање на ‘Југохром’, бидејќи до октомври временските прилики овозможуваат фабриката да работи без поголемо влијание врз средината“, рече Амити.

Отпуштените работници на „Југохром“ треба да ја примат уште февруарската плата што изнесува 70 отсто од нивните примања, бидејќи четири месеци тие се водеа на принуден одмор.

„Југохром Алзар“ ги изгасна печките на почетокот од ноември согласно одлуката на Државниот инспекторат за животна средина, бидејќи управата на фабриката не го испочитува двегодишниот рок добиен за поставување на филтри на оџаците. Од управата посочија дека 21 месец чекале да ги добијат потребните дозволи за да отпочнат со негова градба и од јули интезивно работеле на поставувњае на системот за отпрашување. Поради тоа тие тогаш побараа продолжување на рокот за 18 месеци, но не добија одговор и фабриката беше затворена. По изминувањето на три месеци во февруари Инспекторатот ја продолжи забраната за работа на „Југохром“.