Македонија

Во касарната „Илинден“ ќе се градат 10 згради за Армијата

Во касарната „Илинден“ ќе се градат 10 згради за Армијата

Град Скопје, на вчерашната седница на Совет, за да придонесе во реализацијата на проектот за изградба на 10 станбени објекти за потребите на Министерството, донесе одлука комуналиите од 2 милиони евра да се плаќаат на рати.

„На инвеститорот одобрение за градење не може да му се издаде ако не е платен надоместокот за уредување на градежно земјиште, освен ако инвеститорот и Општината склучат договор за плаќање на надоместокот за уредување на градежно земјиште на рати или склучат договор со кој е утврдено дека инвеститорот ќе го уреди земјиштето на сопствен трошок или донесен е акт врз основа на кој инвеститорот е ослободен од плаќање на надоместокот.

Првата уплата во висина од 30% од вкупниот износ ќе се изврши пред склучување на договорот, а остатокот ќе биде на 23 еднакви месечни рати”, се вели во образложението на градоначалникот Коце Трајановски.
Според Деталниот план за касарната “Илинден”, таа треба да прерасне во нова населба. Покрај згради за припадниците на Армијата, ќе се градат и куќи, хотели, трговски центри.

Локацијата на старата касарна „Илинден“ веќе четири години се споменува и за изградба на станови за вработените во АРМ. Спред последната изјава на министерот за одбрана, Зоран Јолевси, реализацијата на проектот е веќе почната. Цената на становите ќе изнесува најмногу 500 евра за квадрат, и вработените во АРМ, кои немаат своја куќа или стан нема да плаќаат камата.

На празните парцели во склоп на скопската касарна „Илинден” предвидено е да никне елитна населба. Но, засега се само две парцели, на Меѓународниот Балкански универзитет. Причината за незаинтересираноста на инвеститорите, според информации од општина Карпош, е високата почетна цена од 6.000 денари за квадратен метар, утврдена на огласот за продажба, што го спроведува Министерството за транспорт и врски.

Планот, што всушност е дел од проектот „Старите касарни за нов развој“, предвидува изградба на објекти за семејно домување во станбени згради, комерцијални, деловни објекти, како и здравствена установа. Се работи за околу 95 хектари земјиште од кое што мал дел е во делот на општина Чаир, а најголем дел е на територија на општина Карпош.

На најголем дел од парцелите се предвидува изградба на колективни живеалишта. На површина од околу 38.000 квадратни метри планот предвидува изградба на комерцијални и деловни објекти, а на парцела од околу 3.000 квадрати, треба да се гради и здравствен објект.