Во Кавадарци доделени решенија за отпис на долг за комунална такса

Градоначалникот на општина Кавадарци Александар Панов додели решенија за еднократно отпишување на долгот по основ на комунална такса за користење и одржување на јавното осветлување, информираа денеска од кавадаречката локална самоуправа

– Врз основа на Одлуката од Комисијата за постапување по барањата за еднократно отпишување на долговите на граѓаните при Министерството за труд и социјална политика, како и со одлука на Советот на општина Кавадарци, решенијата им беа доделени на 40 граѓани од категоријата на корисници на социјална помош или постојана парична помош од ранливи категории граѓани, соопштија од општината, пренесува МИА.

По поднесените барања од граѓаните, а врз основа на податоците од Центарот за социјални работи на Кавадарци, согласно Законот за еднократно отшишување на долговите на граѓаните, стои во соопштението, беше доставено барање до ЕВН Македонија АД Скопје, за доставување податоци поврзани со долгот на корисниците. Врз основа на тие податоци, се подвлекува, во оваа прва фаза беше извршен и отписот на долгот.

– Се работи за исклучителен и уникатен потег на Владата на Република Македонија, со цел барем малку да се помогне на социјално ранливите категории на граѓаните. Владата и општината се свесни дека овој начин не е некое трајно решение. Сепак фактот што Владата и Општината насебе ја превземаат оваа обрска да го подмират заостанатиот долг на граѓаните, е потег кој залужува должна почит, бидејќи никоја Влада претходно нема спроведено ваков уникатен социјален потег, додаваат од локалната самоуправа.

Инаку, во општината се пристигнати уште четириесетина нови одлуки за отпис на заостанат долг, за кои Советот на општината ќе расправа на наредната седница.