Во Кисела Вода легализирани уште 50 дивоградби

По завршувањето на продолжениот рок за поднесување барања за легализација, кој истече на 31 март, бројот на предмети што треба да бидат решени е 13.849. Според општината, 1.734 граѓани ја искористиле дополнителната можност што ја даде Владата и поднеле барање за легализација до општинските служби. Се уште е голем бројот на предмети без комплетирана документација. Сега, 4.169 предмети се без геодетски елаборат. Рокот за доставување на елаборатот за новодонесените барања е до крајот на 2017 година, а за граѓаните кои претходно имаат поднесено барање, рокот за докомплетирање на документацијата е до 31 декември 2016 година.

Од општината очекуваат дека граѓаните нема да ги чекаат крајните рокови и оти што поскоро ќе ја достават документацијата до административните служби.

– Општина Кисела Вода ќе продолжи да работи со несмалена динамика на заокружувањето на процесот на легализација, што треба да доведе до рамномерен просторен развој, рационално уредување и користење на просторот и создавање услови за хумано живеење и работа за сите жители на овој дел од градот, стои во соопштението од Општината.