Во Крива Паланка „Рели Калин Камен 2017“

Деветтата по ред спортска рели-манифестација „Рели Калин Камен“ во средата започна од централниот градски плоштад во Крива Паланка од каде што тргнаа над 120 возила, џипови, мотоцикли, теренски офф-роад автомобили кои во следните неколку часа ќе возат под мотото „Да ги запознаеме убавините на Осоговските планини“.

Караванот возила минува по асфалтен пат до село Мождивњак, каде се продолжува кон дел од Кратовска територија, поминува кај Браната Злетовица, каде се приклучуваат учесници од Пробиштип, а од Македонска Каменица и Кочани ќе се приклучат на Царев Врв, од каде заеднички минуваат кај езерце Калин Камен, за да пристигнат попладне во манастирот Св. Јоаким Осоговски.

Организатор на настанот е Авто-мото клуб „Офф-роад Осогово“, а покровител е локалната самоуправа на општина Крива Паланка.

Од „Офф роад Осогово“ истакнаа дека очекуваат дополнителни предизвици на патеката поради додждливото време.

„Се надеваме дека ова ќе биде уште една авантура со нови предизвици, особено поради временскиет услови. Ние ја поминавме комплетната стаза и ја ревидиравме, но во суво и поинакво време, така што, се на се, се очекува да биде забавно, пред се, бидејќи тоа е и целта на ревијалната трка“, рече  Сашо Митровски од Авто мото клуб „Офф роад Осогово“, Крива Паланка.

На релито, како и секоја година, учествува и градоначалникот на Крива Паланка, Арсенчо Алексосвки, кој рече дека и покрај дождливото време, има одличен одѕив на учесници.

 

„ Задоволен сум од одѕивот, имаме претставници од дваесетина авто-мото клубови од повеќе градови од Македонија, како и учесници од Република Бугарија. Посакувам убав ден и добро дружење на сите учесници. Оваа манифестација е одлична можнсот за промоција на убавините на нашиот крај“, рече Алексовски на стартот на релито.

Рели „Калин Камен“ се одржува на 24 Мај во чест на Денот на словенските просветители, св. Кирил и Методиј.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.