Во Крива Паланка се одржа Франкофонска вечер

На настанот присуствуваше амбасадорката на Франција во Македонија, Лоранс Оер, Елисавета Поповска, претседател на Здружението на професори по француски јазик во Македонија, Кети Димковска, советник за француски јазик во Биро за развој на образование, Љупа Димова, Француски институт, Скопје и останати гости од францускиот круг во земјава.

Програмата започна со изложбата на цртежи од основците од Меѓународниот проект „Ентерланг“ одржан минатата година во Брисел, а гостите дегустираа специјалитети од француската гастрономија приготвени од учениците од угостителската паралелка на СОУ „Ѓорче Петров“.

Амбасадорката Оер искажа задоволство што францускиот јазик и култура се толку почитувани во Крива Паланка.

– Импресионирана сум од огромното присуство и интерес за настанот, до толку повеќе што вечерва гледам повеќе луѓе отколку на франкофонските настани во главниот град. Знам дека вашите ученици редовно се активни и многу успешни на разни настани каде го докажуваат познавањето на францускиот јазик, без разлика дали станува збор за драматизации, меѓународни натпревари или пак интерпретација на шансони, рече Оер во обраќањето.

Додаде дека присуствува тука за да се увери, како што рече, како овде се негува француската култура.

– Пријатно сум изненадена од специјалитетите и се останато. Имате успешни професори кои реализираат педагошки проекти, имате општина која развива проекти за францускиот јазик, и токму вака сакаме да го гледаме францускиот јазик, нагласи Оер.

Манифестацијата се организираше четврти пат, а учениците музицираа, изведоа повеќе драмски пиеси на француски, пееја шансони, подготвени под менторство на професорите од двете училишта.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.