Во Куќата на цвеќето се одбележува роденденот на Јосип Броз Тито

Голем број на луѓе кои го почитуваат ликот и делото на Јосип Броз Тито уште од раните утрински часови се собираат пред Музејот на историјата на Југославија за да го одбележат роденденот на единствениот маршал на Југославија или Денот на младоста.

Поголемиот број од нив се повозрасни личности кои живееле во времето на неговото владеење, пишува српски „Блиц“.

Прикладно, облечени во униформи со штафети или цвеќе во рацете, веќе 36 години колку што изминаа од неговата смрт, не го пропуштаат овој ден за да го посетат титовиот гроб во Куќата на цвеќето и на некаков начин да му се оддолжат за животот што го живееа во времето кога тој управуваше со Југославија.

– Ова е единствениот ден кој ме потсетува на убавите времиња, а вчера напишав и песна, вели Јелена Пивљанка, која денеска дојде во Куќата на цвеќето за да оддаде почит.