Во Куманово мирно, двете улици и натаму блокирани за сообраќај

Во Куманово денеска е мирно. Двете улици во центарот на градот „11 Октовмри“ и „Тодор Велков“ и натаму се блокирани за сообраќај, забележливо е зголемено полициско присуство, но пешаците можат непречено да поминуваат.

МВР вчера информираше дека се преземаат мерки за безбедност во Куманово.

И во денешниот извештај на Регионалниот Центар за управување со кризи, се пренесува информација дека добиле известување дека улиците се блокирани поради превентивни полициски активности.

На овие улици се сместени државни институции и установи, судот, СВР Куманово, општината, подружницата на „Македонски Пошти“, како и неколку подружници на државни институции.

Во текот на вчерашниот ден и кумановскиот градоначалник, Зоран Дамајновски, апелираше да не се шират шпекулации и конструкции за зголеменото полициско присуство и блокираните улици во центарот на градот, додека МВР не излезе со официјални информации. И тој рече дека добил информации оти станува збор за засилени мерки за зголемена безбедност во градот.