Во кумановско се празнува Свети Василиј

Во Куманово верниците го прославуваат празникот Свети Василиј. Православните христијани утрово ги посетија црквите каде се одржа божествена литургија и се помолија за здравје и благосостојба, а митрополитот Кумановско-осоговски г. Јосиф чиноначалствуваше во црквата „Света Троица“ во Куманово.

Свети Василиј се прославува како домашна слава, а во голем број семејства во Кумановско се подготвуваат јадења во кои главна состојка е пченкарно брашно. Во кумановските села Орашац и Пчиња, празникот Василица, објаснуваат етнолозите од Кумановскиот музеј се уште се празнува со карактеристичните обредни игри „џамалари“ и „суровари“ во кои учествуваат исклучиво машки лица и за кои постои верување дека ќе донесат бериќет.

– Обредните игри опстојуваат во овие две села. Поворките изработуваат маски кои треба да бидат страшни за да ги изгонат лошите духови. Носат и ѕвонци-клопотарци кои имаат за цел да ги изгонат демоните. Паганскиот обичај вклучува и одење по куќите, каде пеат песни, а домаќините ги даруваат со месо, јајца, брашно, ракија,а потоа сред село се пали василичасрки оган во кој се фрлаат маските и на овој начин се бркаат лошите сили, изјави вишиот кустос-етнолог од Кумановскиот музеј Анита Ѓорѓиоска.

Овие игри, како што рече, се практикуваат за Василица, а доминантни се зооморфните и антропоморфните маски.