Во мај четри поединци и една фирма кривично пријавени од Царинската управа

Постапувајќи по констатирани неправилности, Царинската управа изминатиот месец до надлежните јавни обвинителства поднесе три кривични пријави, против четири физички и едно правно лице, а се поднесени поради постоење основано сомнение за сторени кривични дела „Царинска измама“, „Криумчарење“ и „Фалсификување исправа“.

Една кривична пријава, до Основното јавно обвинителство Гевгелија, е поднесена против лицето А. А. од Охрид, во својство на одговорно лице во правно лице и против правното лице, поради постоење на основано сомнение дека сториле кривично дело царинска измама по член 278а од Кривичниот законик.

Пријавените во текот на 2014, 2015, 2016 и 2017 година дале лажни податоци за стоките при увозно царинење, а кои влијаат на пресметките на износот за плаќање на царина и други увозни давачки
.
За потребите на пријавеното правно лице на 03.01.2013 година, до Царинската управа било поднесено барање за издавање задолжителна тарифна информација. Согласно барањето, Царинската управа издала задолжителна тарифна информација со рок на важење од три години. Во постапката на увозно царинење на стоките за потребите на пријавеното правно лице на македонските царински органи им приложиле царинска декларација со лажна тарифна ознака, иако располагале со задолжителна информација за правилната тарифната ознака, со намера да избегнат делумно плаќање на царинските давачки.

Царинската управа извршила дополнителна пресметка за евидентирање на царинскиот долг во износ од 1.151.005 денари и го задолжи увозникот да ги доплати избегнатите давачки.
Една кривична пријава, и тоа до Основното јавно обвинителство Скопје, е поднесена против две физички лица О.Д. и С.Р., македонски државјани. На 24.04.2017 година, при вршење контрола од страна на мобилните тимови, на скопската обиколница во автобус со турски регистарски ознаки, што сообраќал на редовна линија Истанбул – Гостивар – Истанбул, на повеќе места во автобусот сместени во кеси, билa пронајденa поголема количина на различни лекови (1.140 кутии) со потекло од Турција со вкупна вредност од 210.250 денари.
Една кривична пријава до Основното јавно обвинителство Гевгелија, е поднесена против лицето Н.Б. државјанин на Република Македонија, кој на 23.04.2017 година со патничко комби се пријавил на излез од Македонија. Пријавениот на царинските службеници им го доставил Сертификатот за учество на возачите во меѓународниот патен сообраќај издаден од страна на Министерството за транспорт и врски, на негово име на 08.07.2015 година, со рок на важност до 01.07.2020 година. Бидејќи царинските службеници се посомневале во веродостојноста на сертификатот привремено му го одземале.
Од страна на Одделението за истраги извршена е проверка во Министерството за транспорт и врски од каде е добиен одговор дека Министерството има издадено Сертификат со ист сериски број и на ист носител на сертификат како на оној што е привремено одземен од царинските службеници, меѓутоа оригиналниот сертификат бил издаден на 25.11.2009 година, со рок на важност до 25.11.2014 година, а не како приложениот на кој било наведено дека е издаден на ден 08.07.2015 година, со рок на важност до 01.07.2020 година. На ваков начин осомничениот лажната јавна исправа ја употребил како вистинска пред надлежен царински орган.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.