Во Македонија има најсовремена инсулинска терапија

Во врска со речиси секојдневните настани на кои немедицински лица или медицински лица кои не се лиценцирани за работа со пациенти со дијабетес, даваат неквалификувани и опасни изјави во јавноста за наводно загрозување на животот и здравјето на лицата со дијабетес и споменуваат тешки последици, со основна цел да предизвикаат паника и страв кај овие пациенти, Научно-стручното здружение на ендокринолози и дијабетолози на Република Македонија се обраќа до јавноста со следниве ставови.

Истите ги пренесуваме во целост.

-Во Република Македонија во моментов има континуирано снабдување со најсовремена инсулинска терапија од најдобрите светски производители на инсулин, и во делот на хуманите инсулини и во делот на инсулинските аналози, така што за секој пациент со дијабетес поставен на инсулинска терапија постојат повеќе ефикасни и безбедни алтернативни опции.

-Не постои никаква опасност по здравјето на пациентите доколку од еден вид инсулин се префрлат на друг соодветен инсулин под надзор на квалификуван специјалист од областа на дијабетесот. Најважно за пациентите е да имаат добра гликемиска контрола, како и да се придржуваат до советите на нивните лекари во однос на исхраната, физичката активност, избегнувањето на стресот, честото мерење гликемија, како и соодветниот третман на напоредните заболувања.

-Апелираме за воздржување од давање било какви изјави во јавноста кои се медицински неиздржани и со кои се шири страв и паника кај пациентите, и воедно ги повикуваме сите заинтересирани целокупната дебата да ја водат со својот лекар, односно во стручните медицински кругови, каде што ќе ги добијат и одговорите на нивните дилеми и прашања. Се што ќе биде надвор од ова, ќе го сметаме за крајно неодговорно, што не е во интерес на грижата за пациентите со дијабетес во Република Македонија

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.