Во Македонија мора да се заштити и мнозинството, а не само малцинствата!

Пратениците на СДСМ, како и оние од нивните коалициски партнери, заедно со пратениците од албанските партии, завчера, заобиколувајќи ја процедурата го изгласаа законот за јазиците. „ЗА“ законот гласаа 64 пратеници, од нив 24 од припадниците на заедниците. Значи се обезбеди и бадентеровото правило да има мнозинство од заедниците, односно мнозинство од малцинствата.

Во сето ова се заборава една работа, а тоа е мнозинството.

На фактот дека се игнорира мнозинството, поточно Македоците, говори и професорката на Правниот факултет, Каролина Ристова Астеруд. Таа смета дека следствено „уставно решение би било, за сите аспекти кои допираат до етничка материја, за сите оние закони кои се носат (или се обидуваат да се шверцуваат) со Бадинтер, мора да се има во втор круг 2/3 мнозинство, односно мора да има мнозинство гласови и од Македонците во парламент, и од власта и од опозицијата“.

Значи, битно е да се има на ум дека во етничка смисла, ниту победничката, ниту губитничката партија, сама за себе не го претставува околу 65 проценти од етничкото македонско мнозинство во земјата (тргнувам од процените од последниот попис). Секоја горе – доле претставува само по околу 30 отсто, никогаш ниедна не стигнала до крај, да речеме, 51 процент од етнички македонските гласови , пишува Астеруд на својот „Фејсбук“ профил.

Според неа за било кое решение во закон или политика, „ако сакаш „висок степен на поддршка“, или „мнозинска поддршка од етничките Македонци“ преку нивните политички преставници во Собранието, тоа практично значи дека ти требаат, освен гласовите на тие што ја прават владата, т.е се нејзино парламентарно мнозинство, туку и дел од гласовите на македонската/ите партија/партиите кои се во опозиција“.

Таа посочува дека ова решение „Бадентер во прв круг,  а 2/3 втор круг, би попречило и ова што сега ни се случи со законот за употреба на јазиците, а никој не го предвидел кога го кроеле Рамковниот и Уставот, имено дека преку Бадинтер кој се носи со обично мнозинство, да можеш да упаѓаш во материја и системски закони за кои во самиот устав се бара 2/3“.

Астеруд укажува дека сега се поништува опозицијата и дел од македонското гласачко тело, практичко половина (а во случајот на сегашната ситуација, дури и повеќе од половина оти ВМРО-ДПМНЕ имаат некој пратеник повеќе од СДСМ).

Мислам, луѓево изгледа не се свесни што значи сето ова, каков УПАД е тоа, и што значи за СИСТЕМОТ и неговата стабилност. Ич муабет да не правиме за здраво балансирање на етнократските елементи во него, но и на теренот, во општеството! И мува не ги лази, јас уште не можам да поверувам… Но, тоа не е само до СДСМ во моментот, претходно до ВМРО-ДПМНЕ, или само до фалинката што ја спомнав, превидот што е направен. На политичко ниво, ДВЕТЕ партии се дриблаат меѓусебно, баш како што пишав, а тоа ги прави наместени во совршена позиција да бидат најмафијашки уценувани од т.н албанска партија, која не го преставува, исто така, ниту вкупното албанско гласачко тело, туку само дел, констатира Астеруд.

Според неа додека не се смени Уставот, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, мора да седнат и ова да го разграничат политички, не заради себе, туку заради граѓанството, односно тие чие политичко преставништво се, најбројно на етничките Македонци, плус и со другите помали партии.

Не може да викаме и во Устав да имаме механизми за спречување на мајоризација на етничките малцинства по етнички релевантни прашања, а тоа да може да се прави најапла кога станува збор за етничкото мнозинство. Тоа е лудост, нездраво за општеството, политиката, државата! И ако некој мисли дека со сето ова се градат здрави меѓуетнички односи , не знам веќе што да кажам…јас не можам да градам такви односи, ако другиот ми мава ножеви и во грб и во стомак, заклучува Астеруд.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.