Во Македонија нема опасност од поплави

Хидролошката состојба во Македонија е стабилна и засега нема опасност од поплави. Обилните дождови што ги донесе циклонот „Талија“ во изминатите денови не предизвикале поголема материјална штета.

Штети има само во општина Чашка, каде на барање на градоначалникот е испратена механизација и наскоро се очекува санирање на истите.

– Висината на котите на хидроакумулациите и езерата е на нормално ниво, а во нормала е и нивото на реките, изјави директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Шабан Салиу.

Дирекцијата за заштита и спасување е максимално подготвена за евентуални поплави од поголеми размери, рече Салиу и додаде дека се преземаат низа превентивни мерки.

Тој апелираше и локалните самоуправи да ги преземат потребните превентивни активности што се во нивна надлежност.

– Максимално е подигната мобилната подготвеност на сите вработени во централата на Дирекцијата за заштита и спасување и во подрачните единици, извршена е проверка на тимовите и опремата за заштита и спасување, како и проверка на градежната механизација во фирмите со кои Дирекцијата има склучено договори, истакна Салиу.