Kомисијата за заразни заболувања денеска одржа редовна работна средба на која беше разгледана состојбата со вирусното заболување ебола во земјите во Африка и можностите за негово проширување во Европа и во Македонија.
Според податоци од СЗО, во моментов, оваа болест е регистрирана во Гвинеа, Сиера Леоне и Либерија. Вкупно досега во овие три земји заболени се 1.201 случај, од кои 672 завршиле со смртен исход.
На комисијата беше заклучено дека е многу низок ризикот за проширување на овој вирус во Македонија, но постои потенцијална опасност преку патувања да се пренесе во Европа и во земјите од регионот.
Инаку, еболата е откриена во 1976 година и оттогаш досега имало појава на епидемии, исклучиво во земјите од Африканскиот континент, но оваа година бројот рапидно порасна.
Вирусот не се пренесува по воздушен пат, туку исклучиво преку директен контакт со крв или други телесни течности од заболени луѓе (плунка, урина, фецес) или поретко и преку загадени предмети од секрети од заболени лица. Болеста може да се добие преку директен контакт со крв и други телесни течности од диви животни, како што се мајмуните, шумски антилопи и лилјаци.
Инкубациски период на болеста од 2 до 21 ден по експозиција на вирусот, болеста може да почне одеднаш со треска, болки во мускулите, слабост, главоболка и болки во грлото. Во следната фаза болеста се карактеризира со повраќање, дијареа, осип, и нарушена функција на црниот дроб и бубрезите. Додека трае периодот на инкубација болеста не се пренесува на друг, туку по добивање на првите симптоми на заболувањето.
Со цел навремено информирање на населението за состојбата со ебола во светски рамки, а со цел преземање превентивни мерки, посебно за лицата кои патуваат во овие земји, Комисијата за заразни болести го информира населението за следните превентивни мерки:
– Избегнување директен контакт со крв или телесни течности на заразени лица или предмети кои може да бидат контаминирани
– Избегнување близок контакт со диви животни и консумирање месо од диви животни во Африка или Азија
– Одржување лична хигиена и редовно миење раце
– Лицата доколку добијат симптоми на болест додека се на патување веднаш да побараат медицинска помош
– Сите лица што патувале во ризичните земји по враќање во државата доколку имаат некакви симптоми, како што се треска, замор, дијареа веднаш за ова да го информираат својот матичен лекари и да го напоменат патувањето во овие области.
Комисијата за заразни болести редовно ја следи состојбата со ова заболување и ги презема потребните мерки за навремено и брзо справување при евентуална појава на случај сомнителен на ебола, согласно донесените протоколи за постапување усогласени со Меѓународниот здравствен правилник.