Во Македонија се вратиле 70 џихадисти

Во Сараево во моментов се одржува конференцијата “Балкански џихадисти: Радикализација и регрутирање на борци за Сирија и Ирак”, која ја организира Балканската истражувачка регионална мрежа – “BIRN”.

На конференцијата се презентираат резултати од анализата на радикализација и регрутирање на џихадисти од Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Македонија и Србија, а некои од изнесените податоци се алармантни.

Според тоа што било изнесено на конференцијата, и што “BIRN BiH” го изнесува преку Твитер, најголем број борци од Балканот во Сирија и Ирак заминале во текот на 2012. и 2013. година.

Конкретно, на пат кон џихад од Косово заминале 300 луѓе, од БиХ 200, од Македонија 207, од Албанија 107, од Србија 50, додека од Црна Гора во редовите на ИСИС заминале 13 борци. Тоа значи дека од овие држави вкупно 877 лица заминале да војуваат за Исламската држава.

Но, податокот кој загрижува уште повеќе е бројот на борци кои се вратиле во своите држави од Сирија и Ирак. Во Косово се вратиле 130, во Македонија 70, во БиХ 50, во Албанија 42, и 7 во Србија. Вкупно 299 луѓе кои се бореле на страната на најопасната терористичка организација на светот, се вратиле на просторите на балканските држави. Тие луѓе не се во затвор, но се под константен полициски надзор во своите држави.

Новинарката на “BIRN”, Анита Рајс, истакнала на конференцијата дека во последните години бројот на борци од Балканот кои заминуваат во Сирија и Ирак се намалил, бидејќи тие држави донеле закони со кои тоа е казниво, но уредникот на “BIRN”, Еврин Кафмола истакнал дека сè уште не постои задоволувачко ниво на соработка помеѓу полициите на споменатите држави. Тој исто така споменал дека за регрутацијата борците од Косово најодговорни се џамиите.

Во својот текст за џихадизмот на Балканот, Анита Рајс споменува и изјави на безбедносни експерти кои тврдат дека голем број на млади луѓе сè уште се радикализираат по пат на интернет и покрај новите закони и безбедносните мерки, што значи дека опсегот на екстремизам е поголем од тоа што досега се мислело.

Експертот за сајбер-тероризам, Др. Фабиан Жила од Канадскиот институт за технологија во Тирана нагласува дека младите Албанци најчесто се радикализираат по пат на социјалните мрежи како што е Фејсбук.

“ИСИС константно ја шири својата пропаганда на интернет, а нивната публика во главно се состои од луѓе кои се склони на насилство”.

Др. Мимоза Џаро, која повеќе од 20 години соработува со разузнавачката служба на Албанија, исто така тврди дека размерите на екстремизмот се потценети. Таа тврди дека помладите Албанци со “mainstream” религиска подлога, кои ја следат и споделуваат насилната пропаганда, се потенцијални “борци од сенка”.
“Албанија е под закана од растот на он-лајн поддржувачите на екстремизмот, кои би можеле да делуваат како осамени напаѓачи”, истакнува Џаро.

Урош Пена од Телото за координација на полициските служби на БиХ, нагласил дека не се знае колку е голем проблемот со тероризмот и радикализацијата.

“Треба да се вратиме на основите, работа меѓу луѓето во нивните заедници, а тоа повеќе не го правиме”, предупредува Пена. Тој исто така потсетил дека БиХ имала напади во Зворник и Рајловац, но сè уште ги нема сите елементи да ги реши тие случаи.