Свет

Во Мексико уапсени водачи на два картели, пронајдени 28 лешеви

Во Мексико уапсени водачи на два картели, пронајдени 28 лешеви

Две лица, за кои се сомнева дека се водачи на мексиканските наркокартели Зета и Залив се уапсени на северот на Мексико, соопштува мексиканската полиција.

Истовремено, соопштено е и дека е пронајдена масовна гробница со најмалку 28 лешеви во Веракруз, во источната мексиканска провинција позната по нападите на наркокартелите врз мигрантите.

Во пограничната северна држава Тамаулипас, уапсени се Хуан Мануел Родригес, водач на наркокартелот Залив, како и Рикардо Иван Сантаљан Трехо, водач на моќниот картел Зета.

Се верува дека двајцата уапсени се одговорни за големиот бран крвопролевање во Тамаулипас, кој се граничи со Тексас, САД, наведува Федералната полиција.

Родригес е уапсен во вторникот во Рејноза во полициска акција. Тој го презел раководењето со Заливот минатиот август.
Трехо, пак, е уапсен од мескиканските маринци во понеделникот во Сиудад Манте. Тој станал водач на Зета откако во 2011 година неговиот претходник е уапсен за масакар врз 72 мигранти во Централна Америка.