Во Москва уапсени припадници на ИД кои подготвувале напад на јавниот превоз

Во руската престолнина Москва уапсени се во четвртокот четвoрица припадници на џихадистичката организација Исламска држава коишто подготвувале терористички напади врз објекти на јавниот сообраќај, соопшти службата за односи со јавноста на Федералната служба за безбедност (ФСБ).

Четворицата уапсени се државјани на Русија и на земји од Централна Азија, поранешни советски републики со доминантно муслиманско население.

При претресите на руските безбедносни сили на нивните домови била откриена лабораторија за производство на експлозивни материи. Покрај тоа, најдена е импровизирана експлозивна направа, како и огнено оружје, муниција, гранати литература и видеа со екстремистичка и терористичка ориентација.

Постојат сомневања дека со активностите на осомничените било раководено од територијата на Сирија, се додава во соопштението на ФСБ.

„Терористите планирале по извршувањето на саботажи и терористички чин да заминат за Сирија за учество во борбените активности во составот на меѓународната терористичка организација Исламска држава“, се наведува во соопштението.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.