Во недела парламентарни избори во Турција

Околу 56 милиони Турци со право на глас в недела ќе гласаат на парламентарни избори што може да го преобликува политичкиот систем на државата и да одредат иднина за претседателот Реџеп Таип Ердоган чија партија која сака да го измени Уставот, сега се соочува со најголем изборен предизвик по 13 години на власт.

Изборите се одржуваат во критичен момент во модерната историја на државата, со оглед на неизвесноста која лебди над нејзиниот пат кон ЕУ, способностите да контролира 1.300 км. граница со Сирија и Ирак и иднината на 1,8 милиони сириски бегалци во Турција.

Дел од анкетите укажуваат дека владејачката Партија за правда и развој има далеку помалку од 50 отсто гласови колку што имале во 2011 година и сега се предвидуваат нешто под 40 отсто до максимум 45 отсто гласови за нив.

Ердоган посакува да добие дво-третинско мнозинство во парламентот за да го промени Уставот и да го измени парламентарниот систем во претседателски.

Главна неизвесност е и прашањето дали прокурдската Народна демократска партија која заговара либерална социјална политика, може да премине тежок праг од 10 отсто гласови колку што е потребно за да добие места во парламентот.

Ердоган и Давутоглу се во предизборна кампања под слоган – Додека другите зборуваат АКП работи.