Во несреќата во иранскиот рудник 21 мртов и уште 32 затрупани

Најмалку 21 рудар го загубил животот во средата во јагленокопот на северот од Иран по уривањето на коповите поради експлозијата, додека сé помали се надежите за другите 32 рудари заробени под земјата.

„Извлековме 21 тело. Тоа се телата на рударите коишто се симнаа во рудникот да им помогнат на своите колеги“, изјави Реза Бахрами, член на управата на рудникот во северната иранска покраина Голестан.

Додаде дека „бројот на загинатите не ги вклучува 32 рудари заробени во рудникот“ по експлозијата којашто ја предизвикал обидот за покренување на моторот на еден товарен вагон, според иранските медиуми. Поради експлозијата се урнал дел од копот во овој рудник во близна на градот Азад Шахр.

Спасувачите екипи уфрлаат кислород во копот обидувајќи се да ги спасат заробените рудари, изјавил Хасан Садеглу, гувернер на покраината Голестан за државната телевизија.

Според извештајот на службената новинска агенција Irna, најмалку 36 полесно и потешко повредени рудари се примени во болниците во покраината, а дванаесетте кои минале без повреди успеале самите да излезат од окното веднаш по експлозијата.

„Спасувањето го отежнува концентрацијата на гасот“, соопштиле од кризниот штаб, пренесе државната телевизија Irib.

Во овој рудник работат околу петстотини рудари, а несреќата се случила во периодот на преземање на смените кога во него имало многу луѓе.

Претседателот Хасан Роухани на местото на несреќата го испрати министерот за труд, Али Раби. Формиран е кризен штаб кој ја надгледува операцијата на спасување.