Во Њујорк се промовираше книгата „Дипломатијата и глобализацијата“ на Срѓан Керим

На настанот, кој е во склоп на активностите за кандидатурата, присуствувале високи функционери на ОН, голем број амбасадори и претставници на дипломатскиот кор, академици, и новинари.

Како што информира Кабинетот на Керим, на промоцијата зборувал Хју Дуган, професор и поранешен делегат на Соединетите Американски Држави во ОН, како и Рагида Дергам, дипломатски кореспондент за Ал-Хајат, коментатор за Си-Ен-Ен и основач на Институтот Беирут.

– Професорот Дуган истакна дека во ова дело д-р Керим го обновува значењето на мултилатерализмот како концепт во политичките односи, дипломатските интереси и глобалните предизвици. „Постојано оставајќи простор за редифинирање на мултилатералните односи, ова дело на д-р Керим претставува само предвесник за неговите амбициозни идеи и предлози за иновации во структурата на организацијата, методите на работа и реформи во клучни делови на ООН“, заклучи Дуган.

Рагида Дергам посочила дека познавајќи го авторот на книгата речиси три децении може да потврди дека тој ужива голем углед во Обединетите нации, во движењето на неврзаните како дипломат со истенчено чувство за помирување на спротивставените позиции на актерите, и за суптилно афирмирање на мултилатерализмот како инструмент на мирот и безбедноста во светот.

– И ништо чудно што за претседател на Генерално собрание на ООН беше избран едногласно, што мошне ретко се има случено во историјата на Обединетите нации, истакнала Дергам.

Кандидатот за генералален сектетар Срѓан Керим се обратил на промоцијата истакнувајќи дека мирот и безбедноста во светот се сериозно загрозени.

– Расте бројот на кризни и конфликтни подрачја, се зголемуваат тензиите во повеќе региони од Европа, преку Африка и Азија. Токму поради тоа мултилатерализмот е единствениот вистински одговор на овие закани. За алтернативата не ни смееме да помислуваме бидејќи тоа би значело нова светска војна. Како кандидат на Република Македонија за функцијата генерален секретар на ООН, сум многу мотивиран, бидејќи сметам дека многу можам да придонесам за донесување вистински одлуки во однос на мултилатерализмот каде Обединетите нации би имале клучна улога, истакнал Керим.