Во „Ново Скопје“ во Берлин се сакаше и се бранеше Македонија!

Имам убави спомени за македонскиот бедем во Берлин – „Ново Скопје“. Да, во „Ново Скопје“ се бранеше, се градеше и се калеше Македонија и македонизмот во Германија и во Европа!

Во овој македонски бастион во Берлин доаѓаа многу Македонци, за жал и такви кои се одметнаа. Но, доаѓаа и тие кои останаа достојни на ветеното и кажаното за единствена, заедничка и непроменета Македонија по род и име, идентитет, јазик, култура, историја и се’ што значи македонско. Кога велам одметнатите, мислам на Македонци кои никогаш не е доцна да се покајат и да се вратат во стадото со своите браќа Македонци, повторно заедно да ја унапредат и зачуват куќата Македонија без никаква промена на нејзиниот лик и со аманет за: името, идентитетот, јазикот, историјата, културата! Јас сеуште верувам дека тоа ќе се случи, бидејќи човечки е да се згреши, а уште почовечки е покајувањето и прошката.

Дај Боже што повеќе вакви македонски бастиони и дај Боже што повеќе македонски бранители, но не за пари, кариера, функции и ситни бедни интереси, туку да се спаси и запази македонската култура, име, идентитет, јазик, се’ во врска со Македонија и Македонците!

Во „Ново Скопје“, во овој храм на македонизмот се зборуваше со многу Германци, Англичани, Французи, Американци што е Македонија и кои се Македонците. За жал, денес, по скопските кафулиња, меани, биртии и крчми, како и низ цела Македонија, чест на исклучоците, се зборува и се водат муабети со пораките: „Е, ајде, чуму ни е името, идентитетот, јазикот! Дајте ни пари и само пари, или некоја напојница. Тоа ќе ни остане! Само будали гинат за идеалите…“

За жал, тоа е одраз на успешната удбашка индоктринација која во изминатите 70 години во континуитет ја набилдаа антимакедонската кампања, со цел да ја снема Македонија од картата на народите и географските атласи. Зарем не е убаво секој од нас да биде спасител и поддржувач на македонската идеја и приказна, а таа е вистинска, не е ретуширана, иако некои денес бараат „ревизија“ на македонската вистина, историја и приказна.

Чесно ли е самиот да си ја уништиш или рефундираш историјата на сопствениот народ и земја?

„Хигиенски“ ли е да му се потсмеваш на ликот и делото на македонскиот херој и неговото семејство дека синот или ќерката загинале за Македонија во време на фашизмот? Како ќе ве разберат вашите „пријатели“ или „партнери“ за добрососедство кога тоа го велите јасно и гласно, а притоа ви се смеаат преку медиумите, прашувајќи се самите, зарем и вакви има на планетата Земја или во сопствената држава?

Каде сме ние во медиумскиот простор? Дали воопшто некој се запрашал?

Кога велам каде сме, мислам каде сме ние новинарите или поддржувачите на македонската идеја? Ова ли се реформи во медиумите во Македонија, ова ли е слобода во медиумите за коишто се залага човекот кој ветува живот за сите во Македонија? Прашувам каде се македонските новинари кои би застанале зад секој македонски збор, идеја… Сите сме на улица, оставени во една рака! Каде се соросоидите кои цело време беа товарени со тешки милиони и аргатуваа, сеуште измеќаруваат за туѓи бели дворови, уништувајќи ја во целост Македонија?

Да, тие се на сигурно, на топло и со своите дебели задници, сместени во удбони фотељи и веќе стокмените кабинети, а креирани и изградени од „криминалната банда“ и „фамилијата“, како што вообичаено ги нарекуваат за тие сега со дебели хонорари и најскапи компјутери и системи да уживаат во овие луксузи, коментирајќи за тоа како е убаво да се плука по „наивните вмровци“, кои сите 11 години ги „товеа, збогатуваа и дебело со хонорари и проекти наградуваа и напојуваа“?!

Народот на оваа и ден денес останува избезумен, бидејќи еднаш да згрешиш човечки е и можно, но вторпат да згрешиш значи нешто не е во ред со тебе.

Народот вели, соросоидите си уживаат и грицкаат од „морковот“ добиен од вмровците и фамилијата.

И да биде уште потрагично, денес никој за ништо не смее да каже што е ова? Што ли се случува? Сиромаштија, страв, криза, празна државна каса за 700 милиони евра, за само пет месеци убиства, насилства, страв да се движиш по улица, гушење во смог, ослободување од царинските давачки за сопствени интереси и цели, и што ли уште не…

Е, тоа е свесно затемнување. Без заштитно огледалце на очите, не ти бега слепило. Но, слепилото е веќе јаве и се’ е јасно како ден. И пак, за и околу новинарите и медиумите… Прашувам, каде е ЗНМ? Каде е МАН? Се’ е јасно како ден. Сите се навртени во иста тиква, сите мислат за спас на сопствена кожа и задник. Но, не е само тоа, секој мора да си го одработи веќе ветеното или спонзорираното. Убаво е да си достоен на ветеното но, пред се’ треба да се преиспита самиот, секој кој ветил што е тоа што ветил и кому ветил? Ако ветил дека ќе се залага за Македонија или за се’ што е македонско, тогаш тоа е светото и пресветото и пред се’ дозволено и од Бога благословено!

За поздрав се сите иницијативи за семакедонско помирување и обединување од која и да е страна да доаѓа политичкиот и дипломатскиот компас. Македонија мора да се среди, еднаш за секогаш. Македонија никогаш не била ниту ќе биде јаболко на раздорот. Напротив, Македонија е симбол и синоним на обединувањето и помирувањето. Тоа го потврдува и познатата Ксантика, или месецот на прочка и помирување во времето на кралот на Македонците, Александар кој обединуваше и кој поврзуваше, и кој е јавува насекаде во светот, од Пела до Пакистан. Значи, никој нема ексклузивност на зборот Александар Македонски, како и на  Македонија, но едно и единствено, никој не смее и не може да се меша и да тргува со македонската ДНК, а тоа го кажаа и потврдија и во мадридскиот институт и швајцарската Егенеа, таму јасно и гласно е исклесано во извештаите, дека сме Македонци и по род, и по гени!

Некој спомна средбата во Париз, во куќата на Моне, велат ќе било за македонско помирување, но јас ќе додадам, убаво ќе беше Македонија да се обедини и помири како што тоа Македонците го правеа со децении во Берлин, во „Ново Скопје“, тоа беше пракса во куќата на Мане..

Секој денес се раѓа како политичко битие, но нека тоа „битие“ не биде ѕвер на споствениот народ и држава. Мојата порака е: Македонецот на Македонецот волк да не биде… Сепак крвта вода не бива…

Автор: Слободан Томиќ