Во одрон во Кина над 140 исчезнати (ВИДЕО)

Во голем одрон на земјиште во саботата утрото во зафрлено село во кинеската покраина Сечуан, исчезнати се 141 човек, а спасувачките екипи се обидуваат да дојдат до преживаните.

Вкупно 46 куќи во селото Ксинмо исчезнаа по уривање на дел од планината, објави јавниот телевизиски сервис CCTV цитирајќи го портпаролот на локалните власти.

Одронот го блокирал коритото на реката во должина од два километра, според истиот извор. Властите покренале итен план со кој треба непосредно да се процени големината на катастрофата, се наведува во телевизискиот извештај.

Прикажани се снимки на кои се гледаат многубројни полицајци и жители облечени во кабаници на големи сиви карпи, додека багери се обидуваат да ги расчистат урнатините.

„Станува збор за повеќе десетици тони камења“, оценил Чен Тиебо, капетан на вооружената полиција на автономната тибетска префектура Аба, каде што се случила несреќата. Потврдил дека дождот изминатите денови во ова планинско и зафрлено подрачје предизвикал одрон на дел од планината крај споменатата туристичка населба.

Кинескиот претседател Кси Џинпинг повика „на секаков можен напор за да се намали бројот на мртвите и повредени“.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.