Македонија

Во Охрид 2014 ќе биде година на инвестициски почетоци

Во Охрид 2014 ќе биде година на инвестициски почетоци

Градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески денеска оствари средба со директорите од државните институции и раководителите на подрачните министерства во градот, притоа најавувајќи дека идната 2014 година ќе биде година на инвестициски почетоци.

„Можам да ви кажам дека 2014 година ќе биде година што ќе биде запаметена по инвестиционите програми, година во која ќе има најмногу изведувачки работи. Ако се земе предвиденото за 2015 и 2016 година ве уверувам дека тоа ќе бидат едни од најдобрите години во последните две децении за сите охриѓани“, истакна тој.

Бакрачески истовремено ја нагласи потребата од добра соработка на институциите од локално и државно ниво, како предуслов неопходен за реализација на предвидените планови.

„Резултатите што ги очекуваме не зависат само од општинската администрација туку и од навремената и ефикасна соработка со вас. Многу од нашите програми, проекти и активности се поврзани и се зависни од меѓусебна тесна соработка и комуникација“, посочи Бакрачески, најавувајќи слични средби во редовен интервал на секои три месеци.