Во Охрид Меѓународна конференција за независност во судството

судство

– Судиите на Република Македонија самоиницијативно, демонстрирајќи вистинска посветеност и безрезервна поддршка за личната и институционална независност на судството и во поткрепа на поставување на судот во позиција на главен протагонист на демократската правна држава ја организираа оваа конференција, истакна претседателот на Врховниот суд на Македонија Лидија Неделковска.

На конференцијата беше нагласено дека концептот на независно судство е единствен и универзален за сите држави кои воспоставиле фунционална демократија и претставува еден од фундаменталните столбови на владеењето на правото, доколку функционира независно, непристрасно и ефикасно.

Неделковска изрази жалење што актуелните случувања на општествената сцена во земајта особено во политичкиот корпус, го инволвираа судството и фрлија сомнеж во неговата независност и самостојност.

– Судството и судиите не смеат да бидат предмет на политички маркетинг. Судиите треба независно и слободно да ја вршат својата функција, никој не смее да влијае врз донесувањето судски одлуки, а уште помалку да ги повикува судиите на одговорност за донесена одлука, забележа Неделковска повикувајќи на поголема сполотеност на судиите на национално ниво.

Судијата Лазар Нанев оцени дека критиките упатени кон судството во актуелната состојба во земјата се реални и објективни, притоа нагласувајќи ја потребата од преземање конкретни чекори за подобрување на состојбите во сферата.

– Во својство и на судија и на граѓанин сметам дека е непоходен еволутивен процес на апдејтирање и ресетирање на целокупниот судски систем во земјата. Тоа значи одговорност, подигнување на степенот на транспарентност што ќе значи и квалитет во работењето на сите судии. Судиите во Македонија мора да сфатат дека се еднакви со граѓаните пред законите, дека ги имаат истите права и одговорности, како и оти мора да постапуваат законито според Уставот и меѓународните стандарди, посочи Нанев.

Кристофер Леман, извршниот директор на Институтот CEELI од Прага што ги обединува здруженијата на судиите од државите од Централна и Источна Европа, кој заедно со Амбасадата на САД се коорганизатори на конференцијата, рече дека овој собир има токму за цел поддршка на независноста на судството во регионот.

– Не може секогаш да се гарантира независност на судството во Централна и Источна Европа, постојат одредени притосоци што влијаат врз независноста и оттаму важноста на ваквите собири. Во најголем дел притисоците врз судиите доаѓаат од власта, од политичките партии, медиумите, така што е мошне тешко да се биде независен судија во денешно време, истакна Леман.

Шефот на политичкиот и економскиот оддел на Амбасадата на САД Дејвид Стивенсон од своја страна порача дека собирот во Охрид е конкретна можност за македонските судии да соработуваат со своите колеги од регионот, Европа и САД и отворено да ги адресираат потребите на судството и да изнајдат солуции за како да се оди напред.

По однос актуелните збиднувања во Македонија тој го повтори ставот на САД и европските партнери дека изборите закажани за декември мора да се добри и чисти како прв чекор за надминување на политичката криза што ја оптоварува државата.

– Меѓутоа изборите сами по себе не значат крај на кризата. Потребно е итно да се адресираат реформите, особено оние во врска со владеење на правото, а посебно во справување со кризата во судството. Препораки за промени можат уште сега да се изготват за истите да се спроведат откако ќе се формира нова влада. Ќе биде потребна вистинска храброст, не само од страна на политичките лидери, туку и од вас и вашите колеги, за да се осигураат вистински реформи во судството – кои ќе ве ослободат од спиралниот круг кој ве уништува одвнатре и ја издава довербата на граѓаните, рече Стивенсон.

Како трет предуслов за враќање на состојбите во нормала тој истакна дека предметите од СЈО во врска со неовластеното следење на комуникациите и високата корупција и злоупотреби треба да се разгледаат од страна на непристрасно и фер судство, ослободено од политичко влијание.

– Овој процес е најважен за да покаже дека Македонија има капацитет да се справи со такви обвинувања, истакна Стивенсон.