Во општина Аеродром во 2014-та родени 731 бебиња

Во изминатата 2014 година, според бројот на доделени решенија за еднократна парична помош за новороденчиња, Општина Аеродром има 731 нов жител, од кои 405 машки, а 326 женски деца. Така, според оваа наша статистика, можеме да кажеме дека имаме „машка“ година.

Од нив 368 се првородени деца, а 311 се второродени, во 51 семејство има трето дете, а имаме и едно семејство со 5 деца. Исто така, статистиката покажува дека 14 семејства од Општина Аеродром во 2014 година добиле близнаци.

Исто како и во 2011, 2012, 2013 година, и во изминатата 2014 година, четврта година по ред, најчесто име што им се давало на девојчињата од Општина Аеродром е Јана, а кај момчињата Марко, но оваа година имаме и нов „победнички“ пар на имиња, а тоа се Ангела и Михаил. Исто така, има и многу деца кои се викаат Ана и Марија, како и Стефан, Матеј и Петар. Меѓу новородените има и деца кои имаат ретки имиња како што се Дениција, Дена, Калија, Григориј, Алексеј, Луна …

Општина Аеродром уште еднаш, на сите семејства им честита за новиот член и истакнува дека и годинава продолжува со акцијата за доделување еднократна помош на секое семејство со новороденче во висина од  5.000 денари.