Во оптег кована пара „Вага“ за колекционерски цели

Народната банка на Република Македонија  пушти во оптек кованата пара за колекционерски цели „Вага“ од серијата „Хороскопски знаци“.

На аверсот е прикажана украсна композиција што претставува симбол на времето, врз основа на Сонцето, Месечината и ѕвездите коишто го опкружуваат песочниот часовник. Сонцето е насликано со злато на вметнато, сино, тркалезно кобалтно стакленце (низ целото стакленце). На горниот дел од кованата пара е прикажан грбот на Република Македонија. По должината на периметарот, на двете страни, се прикажани симболите на осумте планети од Сончевиот систем коишто, покрај Сонцето и Месечината, влијаат на хороскопските знаци (Меркур, Венера, Марс, Јупитер, Сатурн, Уран, Нептун и Плутон). Исто така, по должината на периметарот се прикажани натписите: „Република Македонија“ и „10 денари“ на македонски јазик, како и годината на издавање „2014“ и ознаката „Ag925“.

На реверсот, во центарот на монетата е прикажана вага со два крака. Едниот тас од вагата е исполнет со монети и е прикажана пеперутка како седи на нив. На местото на другиот тас е вметнато кобалтно стакленце на кое е претставена слика на соѕвездието Вага.

На долниот дел, по должината на периметарот, е прикажан симболот на хороскопскиот знак Вага отпечатен на тег и името на хороскопскиот знак на латински јазик.

Одредени елементи на релјефот (вклучувајќи ги симболот Вага, пеперутката и вагата) се насликани со злато.

Цената на кованата пара „Вага“ изнесува 2.700 денари.

Кованите пари за колекционерски цели издадени од Народната банка се законско средство за плаќање во Република Македонија.