Во Пакистан уапсен портпарол на талибаните и спречен напад од ИД

Портпаролот на екстремното исламистичко движење Талибан во Пакистан, Ехшанул Ехсан им се предал на пакистанските безбедносни сили, а нивните припадници во друга област на земјата спречиле напад врз христијанското малцинство кој го планирала ултрарадикалната сунитска организација Исламска држава, соопшти во понеделникот командата на пакистанската армија.

Гласноговорникот и воедно челник на пакистанската талибанска фракција Џамат-ул-Ахрар, Ехшанул Ехсан, им се предал на властите и се наоѓа во притвор, изјавил портпаролот на пакистанската армија Асиф Гафур.

Џамат-ул-Ахрар е одговорна за некои од најсмртоносните напади во Пакистан, а Ехсан е основачот на медиумскиот конгломерат кој ги промовира пораките на талибаните и преку социјалните мрежи регрутирал нови припадници на движењето.

Пакистанските војници во понеделникот уапсиле и девојка која во името на џихадистичката Исламска држава планирала во текот на Велигденските празници да изврши самоубиствен напад врз христијанската заедница во Лахоре, додал воениот портпарол.

Младата жена е идентификувана како Норин Легари, студентка по медицина, која пораснала во Хајдарбад од каде што допатувала за да го изврши нападот. Таа имала помош од двајца мажи, а кај кои биле откриени елеци со експлозиви и гранати.

Апсењата се дел кампањата на пакистанската армија против џихадистичките милитанти, покрената по серијата напади коишто во февруари ја погодија оваа азиска доминантно муслиманско земја, нуклеарна сила.