Во Подмосковје уапсен осомничен за нападот во метрото во Санкт Петербург (видео)

(© РИА Новости. ФСБ РФ)

Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) соопшти во понеделникот дека во областа на престолнината Москва е уапсен уште еден осомничен за поврзаност со бомбашкиот напад во подземната железница во северната метропола Санкт Петербург, пренесуваат агенциите.

Уапсениот, 27-годишниот Аброр Азимов, по потекло од централна Азија, е осомничен дека е еден од организаторите на нападот, како и дека го обучувал бомбашот самоубиец, 22-годишниот Акбарџон Џалилов, по потекло од поранешната советска централноазиска република Киргистан.

Во експлозијата на импровизирана експлозивна направа во вагон во метрото на Санкт Петербург на 3-ти април, загинаа 14 луѓе а повеќе од 50 беа ранети. Притоа Џаилов, исто така, загинал во детонацијата.

Досега шест лица беа уапсени во Санкт Петербург, а уште две во Москва. При претресите на нивните домови пронајден е експлозив идентичен со оној кој бил откриен и неутрализиран веднаш по смртоносниот терористички напад во подземната железница.

Истрагата смета дека Џалилов ја оставил неутрализираната направа на станицата на Плоштадот на востанието, а потоа се разнесол во вагонот меѓу две други метро станици.

Уапсениот Азимов е деветтиот осомничен за учеството во атентатот, а при апсењето кај него бил најден пиштол, се наведува во извештајот.