Во понеделник 11. коло на „Фискална во рака-награда без мака“

Единаесетото коло од наградната игра „Фискална во рака-награда без мака“ ќе се одржи во понеделник.

Наградите во ова коло се автомобил, 30 вредносни ваучери од 3.000 до 60.000 денари и 120 вредносни ваучери за прехранбени продукти во вредност од по 1000 денари.

За учество во наградната игра треба да се испратат 20 фискални сметки со најран датум од 15 ноември 2013, во стандарден бел коверт во кој покрај фискалните сметки треба да има посебен лист на кој ќе бидат наведени податоците на испраќачот: име, презиме, адреса и контакт телефон. Ковертот мора да биде адресиран и на него не треба да биде напишано ништо друго освен адресата на организаторот и намената – за наградна игра: Државна лотарија на Македонија бул „Гоце Делчев“ бр. 8, 1000 Скопје за Наградна игра „Фискална во рака-награда без мака“.

Досега од наградната игра, што ја приредува Државна лотарија на Македонија под покровителство на Министерство за финансии, се доделени два стана, два деловни простора, како и 10 автомобили.  Покрај главните награди за претходните 10 извлекувања доделени се и 1.500 вредносни ваучери од 60.000 до 1.000 денари на добитници ширум Македонија. Директен пренос од наградната игра ќе има на Македонската телевизија.