Во понеделник Џафери во Атина, во вторник Бутарис во Скопје

Македонскиот министер за одбрана Талат Џафери во понеделник во Атина ќе се сретне со грчкиот колега Димитрис Аврамопулос. Како што јавува дописникот на Нетпрес од Атина, од грчкото министерство за одбрана информираат дека Џафери ќе оствари средба со грчкиот колега во понеделник, во 11 и 30 минути, во зградата на грчкото министерство за одбрана.

Продолжува традицијата на грчкиот државен врв да се среќава исклучиво со албанскиот фактор во власта, додека секоја инцијатива за средба и соработка на македонските колеги во континуитет се одбива.

За разлика од целосната затвореност на грчкиот државен врв кога се во прашање македонските колеги, се чини дека грчките локални власти се многу поконструктивни.

Пред извесно време скопскиот градоначалник Коце Трајановски во рамките на конференција во Атина, оствари и пријателска средба со атинскиот колега Каминис, а во вторник пак во Скопје ќе допатува солунскиот градоначалник Јанис Бутарис кој што ќе се обрати во рамките на презентацијата на градот Солун. Солунскиот градоначалник ќе одржи и прес конференција, а според грчките медиуми, тој се очекува да се сретне и со скопскиот колега Трајановски и со градоначалничката на Тетово, Теута Арифи.