Во понеделник истекува рокот за пријавување за отпис на долгови

Граѓаните на Република Македонија масовно се пријавуваат за отпис на долговите. Задоволството од овој владин проект е огромно и видно ќе им го олесни животот на социјално загрозените.

Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, денес информира дека до вчера биле поднесени 36.369 барања.

-Денес е претпоследниот ден. Очекуваме во понеделник да има и зголемен број на граѓани кои ќе поднесат барање за еднократен отпис на долговите. Сакам уште еднаш да потенцирам дека продолжување на рокот нема да има и заклучно со понеделник е последниот ден кој граѓаните можат да го искористат да дојдат во центрите за социјална работа, да поднесат барање за еднократен отпис на долговите, рече Спасов.

Министерот потенцира дека сите оние кои ќе поднесат вакво барање треба конкретно да назначат од која категорија на граѓани припаѓаат, односно, дали се приматели на социјална парична помош или невработени повеќе од 12 месеци, како и да го назначат долгот за кој бараат отпис.

На овој начин, рече Спасов, комисијата ќе може полесно да постапува.