Во поплавите во Тоскана осум мртви

Осум лица загинале а едно се води како исчезнато по силната бура која во текот на изминатиот викенд го погоди пристанишниот град Ливорно во италијанскиот регион Тоскана, објавија во понеделникот локалните власти.

Италијанската агенција за цивилна заштита соопшти дека во понеделникот било пронајдено последно телото на една жена.

Според локалните медиуми, станува збор за 34-годишна жена на којашто поплавата ѝ ја уништила куќата ноќта кон неделата. Нејзиниот сопруг, исто така, исчезнал во пороите, но бил пронајден жив подоцна во неделата.

Меѓу другите жртви се и четиригодишно момченце, неговите родители и дедото.

Градоначалникот на Ливорно, Филипо Ногарин, изјави дека уште околу 220 куќи се без електрична енергија.

„Со големи напори и тага, градот се обидува тоа да го надмине“, напиша Ногарин во својата објава на социјалните мрежи.