Во потрага во храна гладните мечки пустошат пчеларници

Мечки во потрага по храна ги путошат пчеларниците во кичевско – бродскиот и демирхисарскиот регион, пишува Нова Македонија.

Гладните мечки уриваат метални огради, бодликави жици и сѐ што ќе им се најде на патот, само да дојдат до слаткиот плен.

– Со пчеларство се занимаваме повеќе од две децении, но како годинава не се случило нашите пчеларници, во многу кус период, да бидат цел на дивите мечки во повеќе наврати. Последните десетина дена мечките дури во шест наврати провалија во нашите пчеларници и направија огромна штета. При овие посети мечките искршија дваесетина пчелни сандаци и речиси 15 отсто од нашиот капацитет е целосно уништен. Иако нашите пчелни семејства се квалитетно заградени со ограда од влечен лим, но и тоа не помогна да ги спасиме од агресивните мечки – се пожали Владо Толески, директорот на АД „Тајмиште“.

Ништо подобро не поминал ниту Владо Вренцоски од селото Цер, во чии пчеларници дивите мечки провалиле во четири наврати.

Раде Каранфилоски од селото Црско, пак, вели дека иако неговите пчелни семејства се во близина на селото, тоа не ги попречило мечките да влезат во пчеларниците и да направат невидена штета.