Македонија

Во повеќе општини во вторник нема да се штрајкува

Во повеќе општини во вторник нема да се штрајкува

Градоначалници и претставници на осум локални самоуправи денеска соопштија дека второто полугодие од учебната 2014/2015 година во нивните основни и средни училишта ќе почне без одложување на 20 јануари.

Градоначалниците на Прилеп, Велес, Охрид, Берово, Новаци, Берово, Пробиштип и Демир Капија на средбите со директорите на училиштата биле информирани дека нема да биде поддржан најавениот штрајк на СОНК и дека наставата во второто полугодие ќе почне во вторник, по завршувањето на зимскиот распуст. Поради чести повици од родители во општините, тие преку медиумите им соопштија да ги пуштат децата на училиште.

– Училиштата се подготвени максимално да ги примат учениците на настава во второто полугодие. Подготвени се и градинките. Нема најава во ниту една институција под локалната самоуправа за штрајк на синдикатот, изјави градоначалникот на Прилеп Марјан Ристески.

Советникот за образование во Прилеп Марјан Матракоски соопшти дека училиштата се добро подготвени. – Обезбедени се со огрев, хигиената е на високо ниво, исто и превозот е обезбеден и ги очекуваме учениците во вторник, на 20 јануари, да го почнат второто полугодие, рече Матракоски.

Најавениот штрајк на СОНК нема да биде поддржан во Велес, изјави на прес-конференција градоначалникот Славчо Чадиев, кој го пренесе ставот на директорите на основните и на средните училишта во градот со кои денеска имал средба.

– Информиран сум дека во сите училишта во Велес наставата започнува на 20 јануари. Ова им го соопштувам на сите родители кои се интересираа и се јавуваа деновиве во Општината, рече Чадиев. Тој соопшти и дека ако СОНК, сепак, одлучи да штрајкува, според законските решенија општината има подготвено замени за професорите кои ќе го поддржат штрајкот.

Сите предуслови за почеток на наставата во второто полугодие од учебната 2014/2015 се исполнети и во вторник ќе почне редовната настава во сите училишта на територијата на општина Охрид. Тоа беше истакнато по денешната средба на претставници на локалната самоуправа со Активот на директори на основните и средните училишта од градот.

– Сите предуслови за одржување на наставата се исполенети, училиштата се снабдени со нафта за греење, останати проблеми од комунална сфера нема, така што редовно и тековно од вторник ќе започне наставата во Оштина Охрид, изјави Димитар Спасовски, секретар на Општината.

Нема проблеми за почеток на наставата и во Пробиштип и училиштата се подготвени да ги примат децата, констатирале на денешниот состанок гадоначалникот Тони Тоневски и директорите на општинските училишта и градинката во општина Пробиштип.

Градоначалникот на Крива Паланка Арсенчо Алексовски, исто така, одржа средба со директорите на двете основни и Средното општинско училиште од Крива Паланка по која информираше дека во Крива Паланка нема да се штрајкува.

– Директорите на основните училишта „Јоаким Крчовски“ и „Илинден“ и на СОУ „Ѓорче Петров“ информираа дека ниту еден од просветните работници вработени во нивните установи нема да се огласи на најавениот штрајк од СОНК, рече Алексовски.

Во основното општинско училиште „Димче Ангелов Габерот” од Демир Капија нема пречки за на 20 јануари да отпочне со работа во второто полугодие од учебната 2014/2015 година.

Вакво соопштение достави денеска градоначалникот на Демир Капија Трајче Димитриев, по состанокот одржан со в.д. директорот на училиштето и со претставници од наставниот кадар во училиштето.

Градоначалникот на Берово Драги Наџински денеска ги посети училиштата и имаше средби со нивните раководства. – Трите општински училишта на територијата на Општина Берово во целост се подготвени за продолжување на наставата.

 

– На 20 јануари вратите на училиштата ќе бидат отворени, заедно со наставничкиот кадар, за непречено и без никакви проблеми да ги примат учениците на настава, изјави Наџински.

 

И градоначалникот на општина Новаци Лазар Котевски по денешниот состанок со директорката на ЦОУ „Славко Лумбарковски“ изјави дека се подготвени во вторник да го почнат второто полугодие и наставата во централното и осумте подрачни училишта.

МИА