Повеќе земји членки на ЕУ денеска гласаат на новиот Европарламент

Во повеќето земји-членки на ЕУ денеска се одржуваат избори за пратеници на Европскиот парламент, на кои околу 400 милиони Европејци имаат право на глас.

Изборите за ЕП се завршуваат по траење од четири дена во 28 членки на ЕУ. Со 26 милиони луѓе без работа ширум ЕУ, евроскептичните партии и крајната десница се здобија со огромна поддршка за својата анти-имиграциска и анти-европска платформа.

Последните истражувања покажуваат дека тие партии би можеле да освојат речиси сто места во новиот Парламент, во кој има вкупно 751 пратенички места.

Холанѓаните и Британците први во четвртокот излегоа на избори за свои претставници во ЕП, во саботата гласаа Летонија, Малта и Словачка, додека преостанатите земји ќе гласаат денеска, меѓу кои Хрватска и Словенија.

Гласачите во Чешка и Ирска излегоа на избори во петокот, на кои како што се очекува голем дел од гласовите ќе освојат евроскептичните партии, иако дојде до изненандување во Холандија на првиот ден на гласањето, каде проевропските партии освоија голем дел од гласовите на бирачите.

Резултатите од изборите нема да бидат соопштени пред 23 часот по средноевропско време вечерва.

Во јуни претстои составување на политичките групи во Европскиот парламент. Конститутивната седница на новиот состав на Европарламентот ќе се одржи од 1 до 3 јули во Стразбур. Тогаш ќе бидат избрани претседател на Европскиот парламент и 14-те негови заменици, како и шестмина квестори. Од 7 до 11 јули ќе се одржат официјалните средби на политичките групи.

Откако ќе бидат соопштени официјалните резултати од изборите на 751 пратеник, националните власти ќе им ги соопштат на претставници на администрацијата на Европскиот парламент имињата на новозибраните. Пред конситутивната седница новоизбраните европратеници ќе се состанат и ќе се организираат согласно политичката припадност.

Официјалните политички групи, кои ќе го сочинуваат Европскиот парламент, треба да бидат формирани до крајот на јуни. Досега во Европарламентот имаше седум политички групи, кои претставуваа повеќе од 160 национални партии. Европратениците, кое не сакаат или не можат да бидат вклучени кон ниту една од политичките групи, остануваат независни.

За да биде официјално призната политичката група треба да биде составена од најмалку 25 пратеници и во неа да има претставници на не помалку од една четртина од држави-членки (не помалку од седум држави).

Досегашниот претседател Мартин Шулц ќе претседава со конститутивната седница, доколу биде резибран за пратеник. Во спротивно таа задача ќе ја изврши еден од поранешните заменици-претседатели, при што предност ќе има највозрасниот, а доколку не присуствува никој од нив тоа ќе го стори европратеникот со најдолг стаж.

Кандиатурите за претседател на Европскиот парламент можат да бидат поднесени од политичка група или од најмалку 40 европратеници. Изборот се врши на првата седница со тајно гласање. За да биде избран кандидатот треба да добие апсолутно мнозинство од гласовите, односно 50 отсто плус еден глас.

На 27 мај Европскиот совет, кој е составен од шефовите на држави или влади на земјите-членки ќе заседава во Брисел за да ги разгледа резултатите. Европските лидери со квалифицирано мнозинство треба да се изјаснат и за предлогот за следниот претседател на Европската комисија. За прв пат оваа номинација треба да ја добие и поддршката од Европарламентот, а во спротивно Европскиот совет ќе треба да објави нова кандидатура еден месец по евентуалниот неуспех да се изгласа од европратениците.

Планирано е Европскиот парламент во периодот од 14 до 17 јули со тајно гласање да се изјасни за претседателот на Европската комисија. За да биде избран кандидатот за претседател на Комисијата треба да добие 50 отсто од гласовите на европратениците плус еден глас, односно 376 гласа.

Европратениците во септември ќе ги сослушаат кандидатите за еврокомесари, а гласањето за составот на Комисијата е закажано за октомври.