Во пожар во Москва загинаа осум пожарникари (ВИДЕО)

Склад со пластични производи се запали во реонот Голјаново и зафати површина од четири илјади квадратни метри. Во гаснењето на пожарот учествуваа 160 пожарникари и 46 единици техника. По рушењето на покривот на зградата исчезнаа осум припадници на Министерството за вонредни состојби на Русија.

„Телата се откриени на местото каде што претпоставувавме, каде беше фокусирана основната потрага“, изјави соговорник на агенцијата.

Загинатите пожарникари работеле на покривот. Тие биле меѓу првите пристигнати на местото на пожарот, извршиле проценка на местото и спасиле повеќе од сто работници во складот.

Во моментов пожарот е изгаснат, продолжува работата за расчистување на последиците од пожарот.

Покрената е кривична истрага за нарушување на противпожарната безбедност. Засега се разгледуваат две верзии – невнимателно ракување со оган и краток спој.