Македонија

Во правна држава вистината за фактите мора да се појави во судска постапка

Во правна држава вистината за фактите мора да се појави во судска постапка

Во една правна држава, а таква треба да биде нашата држава, вистината за фактите мора да се појави само во судска постапка. Секоја друга вистина е релативна. Вистината во медиумите, вистината во поединечните кажувања мора да ја прифатиме со резерва. Значи, судската постапка е таа која обезбедува, низ една контрадикторност, насочување на сите факти да се стигне до правната вистина. Таа е исто така релативна, но многу помалку релативна отколку едностраничните гледања врз фактите кои не поминуваат низ една таква процедура.

Ова денеска го истакна претседателот на Македонската академија на науките и уметностите Владо Камбовски, кој рече дека Јавното обвинителство треба да ја држи сега целата оваа ситуација кога постојат основи или основано сомневање дека се сторени казнени дела „незаконско прислушување“.

Треба и ние сите заедно, додаде, всушност да влијаеме Јавното обвинителство и другите судски институции да си ја преземат работата во свои раце.

– На тој начин ќе покажеме дека, сепак, Македонија е правна држава, дека постојат институции. Некој ќе каже дали се тие инструментализирани или не се инструментализирани. Ние сметаме дека тие треба да си ја вршат својата работа, па тие нека размислат дали се или не се инструментализирани. Тоа е нивна уставна обврска. Секој треба да ја почитува, посочи Камбовски одговарајќи на новинарски прашања по завршувањето на Годишното собрание на МАНУ.

Кој би можел друг да ја преземе надлежноста на Јавното обвинителство, праша Камбовски и додаде „едноставно тоа мора да си ја заврши“.

– Има ситуации каде што нема алтернативи. Не може да биде суспендирано Јавното обвинителство, не може судот да биде суспендиран. Ако немаме Јавно обвинителство, Суд, тоа значи сами во свои раце да ја преземаме правдата, а тоа за едно општество е најлошата ситуација што може да се случи. Значи, ова нека го сфатат како мој личен апел, не како претседател на МАНУ, туку како човек кој се занимава цел живот со казненото право и судството, рече Камбовски.

Тој смета дека е потребна активност на Јавното обвинителство и на судовите во сите овие ситуации. – Така најмногу ќе им помогнат и на граѓаните и на политичките партии и најмногу ќе придонесат да се смират сите овие тензии кои добиваат и некои не само политички туку и некои некултурни размери. Сепак, треба да се задржи достоинството на граѓаните, на државата и на државните институции мора да се почитува, додаде Камбовски.

Во оваа фаза, рече, ние сме запознати само со некои ноторни факти, но не со конкретни факти. Меѓу нив има спомнувања дека и Академијата била прислушувана без да знаеме ниту кој ја прислушувал, ниту како ја прислушувал. Согласно тоа, ние не можеме поинаку да реагираме освен јасно очекување од надлежните институции, пред се Јавното обвинителство, во чии раце е целата таа истрага и прибирање на сите потребни факти, истакна Камбовски.

Другиот терен на политичкиот аспект, на политичката разврска, нагласи, тоа не е работа на Академијата.

– Академијата е научна и уметничка институција и она не може да арбитрира кога постојат такви политички судири во општеството затоа што тогаш би ја напуштила својата позиција на една независна институција, бидејќи ние како и да арбитрирате кога постојат такви вештини, политички односи на крајот може да испадне дека арбитрирате на една или на друга страна или арбитрирате за нешто што можеби не е далеку од реалноста. Затоа тоа не може да се смета сега за некое молчење, туку за еден реален пристап на Академијата и нејзино реално гледање на вкупните состојби, додаде Камбовски.